Може ли МЗТ да стави крај на „црната“ серија?

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва му гостуваат на тимот на Игокеа, во обид да ја прекинат „црната серија“ во која македонскиот првак се најде по почетниот триумф над Партизан. „Сино-белите“ оттогаш претрпеа два порази во АБА-лигата (од ФМП и Задар), го загубија и дербито во домашното првенство од Карпош соколи, па јасно е дека Александар Тодоров ќе мора да ја корегира играта, пред се во одбраната, доколку сака денеска да стигне до позитивен резултат. Клучно дефинитивно ќе биде запирањето на главниот играч на Игокеа, Американецот Рајт, кој игра во топ-форма и му ја донесе на својот тим големата победа на гостувањето против Цедевита во минатото коло.

„Двете екипи влегуваат во овој меч со дијаметрално спротивни моменти, Игокеа по огроного изненадување во Загреб, а ние по неочекуваниот пораз на домашен терен од Задар. Со доаѓањето на Рајт тимот на Игокеа целосно го промени стилот на игра, па сега ова е екипа што дефинитивно ќе се бори за врвот во АБА-лигата. Домашниот терен ја прави Игокеа фаворит, а ние се надеваме дека ќе прикажеме далеку подобра игра отколку против Задар и дека ќе успееме да приредиме изненадување во Лакташи“ – истакна тренерот Александар Тодоров.

МЗТ Скопје и лани претрпе порази на двата дуели со денешниот ривал, со 79-72 во Лакташи и со резултат 67-71 во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Се вчитува...