Може ли Работнички до изненадување во Русија?

Работнички по долги години пауза денеска повторно се враќа на европската кошаркарска сцена, играјќи во рамките од Еврокупот на ФИБА. Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив за ривал во првата квалификациска рунда ќе го има тимот на Парма од Перм, кој со почеток во 16.30 часот во Русија ќе ги пречека избраниците на Марин Докузовски.

Парма ланската сезона играше очајно во регионалната ВТБ-лига освојувајќи го последно место, но овој тим летово се засили, се со цел да доаѓа до далеку подобри резултати во руското првенство, но и во Еврокупот на ФИБА.

И екипата на Работнички претрпе значителни промени во ростерот, со заминувањето на плејмејкерот Владо Илиевски, крилото Тасовски и центарот Мишановиќ, тројца играчи кои беа клучни во играта на „центарци“ минатата сезона. Раководството најавуваше огромен буџет, како најзвучни засилувања доведени беа бугарскиот репрезентативец Чавдар Костов и Американецитe Кори Луциус и Маркус Гинјард, но останува да се види како новите имиња за кратко време ќе се вклопат во тимот крај Мираковски и Чековски.

„Имаме респект за противникот, но и решени сме да дадеме се од себе за достојно да го претставиме клубот при враќањето во европските натпреварувања. Целта ни е да обезбедиме што подобар резултат, за потоа на реваншот во Скопје да стигнеме до пласман во следната рунда“ – порачуваат од таборот на Работнички во пресрет на денешниот дуел во Перм.

Се вчитува...