Олимпијакос и Реал Мадрид вечерва ќе излезат на мегдан во „ОАКА“ Арена во Атина, да дадат одговор на прашањето кој од овие два европски гиганти ќе го наследи Фенербахче на тронот на европската кошарка. Неочекувано, двете екипи славеа лесно и убедливо во полуфиналето, Олимпијакос против бранителот на трофејот Фенер, додека Реал излезе како победник од шпанската битка со Валенсија.
Олимпијакос како домаќин во својата град секако ќе ја има предноста на ова финале, но шансите на Реал дополнително се намалија со најновите проблеми со кои тренерот Скариоло се соочи на самото полуфинале, по тешката повреда на Гаруба. Скариоло, кој во кариерaта нема ниту еден евролигашки трофеј, a вечерва се чини се соочува со невозможна мисија.
За потсетување, Реал уште пред овој фајналфор остана без главниот центар Валтер Тавареш и неговата резерва Алекс Лен, па „кралскиот клуб“ вечерва ќе биде без класичен висок играч во ростерот, а против себе ќе ги има Милутинов, Тајрик Џонс и Данта Хол. Олимпијакос одигра беспрекорна одбрана во полуфиналето, ќе се обиде истото да го повтори и во големото финале, со притисок врз Кампацо и Хезоња како главни адути на противникот.
Традицијата вели дека Олимпијакос и Реал имаат одиграно три евролигашки финалиња, грчкиот гигант славел во првото во 2013 година, Реал возврати со титула во 2015, а „кралевите“ потоа ја добија и драмата во 2023, со 79-78 со поените на Љуљ со звукот на сирената. Може ли Реал до трета победа во финале над Олимпијакос во серија, или ќе проследиме одмазда на Барцокас и неговите избраници, ќе дознаеме вечерва.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
