Може ли Вардар до подвиг против силниот Рајн-Некар Левен?

Ракометарите на Вардар вечерва во 19 часот ќе излезат на мегдан со германскиот гигант Рајн Некар Левен, во првиот дуел од баражот за влез во групната фаза од Лигата на Европа на ЕХФ. „Црвено-црните“ ќе ја имаат улогата на аутсајдери по огромните промени во играчкиот кадар во текот на летово, но „вардарци“ јасно ставија до знаење дека немаат намера да се предадат без борба.

Капитенот Гоце Георгиевски верува дека може да се стигне до подвиг, но најважно ќе биде противникот да се исфрли од ритам, односно Вардар да настојува на што побавна игра наспроти „атомскиот ракомет“ на гостите од Манхајм.

„Го гледав нашиот противник против Кил, и очекував таков ракомет, не знам се би кажал во суперлативи за Рајн Некар. Мене искрено ми се допаѓаше играта нивна од Кил. Цело време трчаат, динамични се. Нашата шанса е пред се да се враќаме брзо назад, и треба да не им дозволиме да играат брзо, да ги направиме нетрпеливи и нервозни со таа побавна игра“, изјави Гоце Георгиевски.

Значаен адут на македонскиот првак би требало да биде публиката, која секогаш им дава ветер во грб на „црвено-црните“, особено при европските предизвици.

„Германската екипа има доста млади играчи, со 2-3 искусни имиња. Мислам дека во овој натпревар имаат сите шанса, ќе дадеме се од себе на мечот. И тие имаат слаби точки, ги гледавме ги анализиравме и ќе дадеме се од себе да победиме. Баш ми е драго што играм пред иста публика како што играше мојот татко, и сега сакам да играм пред Комити и да ја почувствувам таа атмосфера“, рече Стефан Петриќ, српскиот бек кој важи за едно од најголемите засилувања на „вардарци“ летово.

Се вчитува...