Мрме го образложи списокот: Ова се најдобрите во кои верувам, Чурлинов, Милан Ристовски и Јанков се наша иднина

Македонскиот селектор Игор Ангеловски го образложи списокот од 26 репрезентативци на кои ќе смета за настапите на Европското првенство во Букурешт и во Амстердам.

Во однос на оние претходни собири, ги нема голманот Мартин Богатинов пред кого предност доби Ристе Јанков од Работнички, како и Агим Ибраими кој сезонава игра одлично во албанскиот Кукс, и Стефан Ашковски од романски Ботошани. Пред нив, пак, место има за Ферхан Хасани, кој, пак, едвај имаше минутажа во албански Партизани, а и во репрезентативниот дрес изминатава година.

Дел од јавноста очекуваше можеби повик за Адис Јаховиќ, но Ангеловски остана на одлуката од пред две години кога самиот напаѓач соопшти дека ‘се откажува од репрезентативниот дрес се додека Ангеловски е селектор’.

„Ова се најдобрите момци во кои верувам. Жал ми е што Несторовски нема да биде поради повредата, затоа што носи голем дел од заслугата за пласманот на ЕП. Но, сето останато е она во кое верував и изминатиот период. Се надевам дека се ќе биде во ред со повреди и со пандемијата на коронавирусот, па нема да имаме потреба од интервенции на списокот“ – истакна Ангеловски.

А, на списокот се и тројца члена од младата репрезентација на Македонија, Дарко Чурлинов од Штутгарт, Милан Ристовски од Спартак Трнава и голманот Ристе Јанков од Работнички.

„Тие тројца се повикани затоа што заслужуваат и затоа што се иднината на македонскиот фудбал кои играат континуирано и во своите клубови“ – дополни Ангеловски.

 

Се вчитува...