Му нудат стан и бесплатни оброци до крајот на животот само да остане во Торонто

Ѕвездата на Торонто Репторс, Кавај Ленард е најдобриот кошаркар во плеј-офот во НБА лигата, забележувајќи просечно 31,2 поени, 8,8 скока и 3,8 асистенции. Ленард го водеше тимот од Канада до историско прво финале во најсилната кошаркарска лига во светот.

И покрај одличната игра и пласманот и освојувањето на конференциската титула, сепак цела сезона се шпекулира дека Ленард на крајот ќе го напушти Торонто и ќе премине во редовите на ЛА Лејкерс. Поради тоа фановите на „Репторси“ на секаков начин гледаат да го задржат Кавај во Канада. Главниот оперативец на компанијата која се занимава со некретнини „The Condo Store Realty Incu“, на Ленард му нуди стан вреден милион долари, ако остане во Торонто.

„Сакаме да направиме се што можеме нашиот МВП да остане во Торонто, каде е почитуван и сакан. Нема подобар начин да покажеме колку сме посветени на таа цел. Сакаме да му овозможиме да остане во една од најпосакуваните резиденции во Торонто“, изјави Симон Мас. 

Покрај бесплатниот стан, локалните ресторани во Торонто на Ленард му нудат бесплатни оброци до крајот на животот ако тој го продолжи договорот со „Репторс“.

Торонто првото финале во историјата на франшизата ќе го почне на домашен терен во ноќта меѓу четврток и петок.

 

Се вчитува...