Мукаетов до ИХФ: Благодариме, ракометот останува спорт број 1 во Македонија

Првиот човек на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов, со писмо до ИХФ го потврди учеството на нашата репрезентација на претстојниот светски шампионат што почнува утре во Египет.

Македонија беше прва резерва на листата на ИХФ, за по откажувањето на Чешка нашата репрезентација да го заземе местото на оваа селекција во групата Е, крај Египет, Шведска и Чиле.

„Во името на Ракометната Федерација на Македонија и во мое лично име би сакал да Ви се заблагодарам што официјално ја поканивте нашата репрезентација на ракометниот спектакл во Египет. Македонската репрезентација е подготвена и со задоволство ќе учествува на СП 2021. Сакам да се заблагодарам за поддршката од ИХФ до РФМ во исполнување на нашата мисија – ракометот да биде спорт број 1 во Македонија“, се вели во писмото на Мукаетов до светската куќа на ракометот.

Македонската репрезентација утре попладне патува за Египет на Светскиот шампионат каде е во група со Шведска, домаќинот Египет и Чиле. Во тек се финалните организации на раководството на РФМ за утрешното заминување во Египет.

Се вчитува...