Претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов, е убеден дека Македонија ќе биде одличен домаќин на претстојниот европски шампионат за ракометарки што следниот месец ќе се одржи во Скопје.
Салата „Борис Трајковски“ ќе биде еден од ракометните епицентри во ноември, кога дел од врвните европски селекции ќе бидат дел најпрвин од првата групна фаза, а потоа и една група од главната фаза.
„Во периодот од 4 до 20 ноември се одржува Европското првенство за ракометарки, во Македонија, Словенија и во Црна Гора. Македонија, односно Скопје ќе бидат домаќини на една група од првата фаза и на една група од главната фаза. За нас како Ракометна федерација е голем предизвик, но и голема чест да бидеме организација на едно сениорско европско првенство, нешто што е врв на европската ракометна сцена. Ова е голема можност за сите ракометни љубители најпрвин да им дадеме огромна поддршка на ракометарки и на стручниот штаб, апелирам во што поголем број да дојдат навивачите и да им дадат поддршка на нашите репрезентативки. Исто така, ќе имаме можност во живо да погледнеме голем дел од елитните европски репрезентации, навивачите да уживаат во настанот, а ние да видиме до каде сме со работата и со квалитетот на женската национална селекција. Синхронизирани сме со Словенија и со Црна Гора за да бидеме беспрекорни домаќини, не е лесно кога три различни држави треба да одговорат на исти обврски на ист начин, но ние сме подготвени и за тоа, комуникацијата со останатите земји-домаќини е одлична“, изјави Мукаетов.
„Сакам да се заблагодарам до Владата, која прифати да ги досреди оние градежни работи околу салата СЦ „Борис Трајковски“ кои беа неопходни за да бидеме на висина на задачата на ова големо натпреварување. Ние во минатото во бројни ситуации сме се покажале како одлични домаќини, но ова е топ-настан и со самото тоа голем предизвик за нас, верувам дека сите заедно со одлична работа ќе одговориме на предизвикот“, додаде Мукаетов.
Македонија ќе биде аутсајдер во групата со Франција, Холандија и со Романија, но претседателот на РФМ се надева и на позитивен резултат.
„Селекторот изјави дека се надева на еден скалп, една сензација, јас исто така сонувам за таков исход на резултатски план. Она што можам да го кажам е дека јас како претседател ја поддржувам оваа репрезентација, верувам во девојките и убеден сум дека пред женскиот ракомет во Македонија е светла иднина“, истакна првиот човек на РФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА