Мукаетов: Суетите да се остават во Скопје, првенството се игра до крај!

Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов упати пофалби, но и издржана критика за настапот на машката ракометна репрезентација на Македонија на ЕП во Хрватска. Македонија имаше извонреден старт во првиот дел на шампионатот и пад и три порази бво главната фаза што на крај резултираше со 11.место во Европа. Претседателот Мукаетов ги посочи позитивните моменти и придобивките од овој настап пред се подмладувањето на националниот тим и работата на селекторот Раул Гонзалес.

Настапот во првата фаза од овој европски шампионат беше максимално успешен, но за жал не продолживме во ист стил и во втората рунда. Игравме против селекцијата на Шпанија, која стана европски првак, потоа и против Данска, која го заврши првенството на четвртото место. Што се однесува до дуелот со Чешка, тоа беше натпревар на кој можевме и моравме повеќе, да стигнеме до победата до која бевме толку блиску. За поединци во иднина би порачал како вистински професионалци личните проблеми и суети да ги оставаат во Скопје и да се посветат на играта, да бидат максимално сконцентрирани на сите натпревaри бидејќи јунаците на мака се познаваат. Турнирот се игра до крај како и натпреварите кои ги играат“ – изјави Мукаетов пред делегатите на Собранието на РФМ.

Првиот човек на мак-ракометот изрази големо задоволство од соработката со Раул Гонзалес, изразувајќи надеж дека таа соработка ќе продолжи и во иднина

„Во оваа прилика на мој осврт на првенството, сакам да упатам комплименти до стручниот штаб и извонредното воство на стратегот  Раул Гонзалес, кој се надевам дека и понатаму ќе остане на нашата клупа. Да се претставуваат боите на оваа наша мала држава рамо до рамо со најдобрите во Европа и во светот, додека истовремено во составот се промовираат четворица млади играчи, стои како потврда за проактивното делување на оваа наша проблематика. Треба да останеме фокусирани на следниот голем проект, а тоа е пласман на следното Светско првенство во 2019 година“ – посочи Живко Мукаетов.

Тој увиде и реален проблем, кога станува збор за развојот на женскиот ракомет што не се одвива со посакуваната динамика.

„Реална е констатацијата дека женскиот ракомет каска зад машкиот и ќе треба да ја промениме претходната стратегија за развој на женскиот ракомет“ – истакна Мукаетов.

Се вчитува...