Екипата на Мулти Есенс го забележа и второто реми во серија во ракометната Супер-лига откако денеска на домашен терен одигра 21-21 со Младост Богданци, во дуелот на двата тима кои летово влегоа во елитното друштво.
Откако минатиот викенд прокоцкаа три гола предност во последната минута во Куманово, младите ракометари на Мулти Есенс повторно немаа сили да приведат меч до крај, па наместо посакуваниот цел плен мораа да се задоволат со само еден бод.
Дуелот беше максимално израмнет, тимовите се менуваа во водство, но Мулти Есенс во последните десетина минути два пати имаше „плус два“. При 21-20 домашниот тим доби предност од ракометар повеќе, потоа и седмерец, но избраниците на тренерот Матлиески не се снајдоа во клучните моменти, потоа примија гол за 21-21. Мулти Есенс го имаше последниот напад за победа, но обидот на Џигеровски заврши над гредата, па двата тима мораа да се задоволат само со поделба на пленот.
Трајковски со пет и Ѓоргиевски со четири погодоци беа најефикасни кај домашниот тим, голманот Јорданов беше одличен со 15 интервенции, додека најдобар поединец кај Младост беше Бојаниќ со осум, пред Андоновски со седум постигнати гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
