Мурињо: 100 гола за дефанзивен тим, мислам дека не е лошо!

Со победата против Кристал Палас 4-1, Тотенхем го обезбеди третиот триумф по ред во Премиер лигата, а петти во сите натпреварувања. Жозе Мурињо беше видно воодушевен од играта на неговиот тим.

По крајот на натпреварот, Португалецот саркастично се обрати пред медиумите и потенцираше дека дефанзивен тим како Тотенхем има постигнато 100 гола, што за него и не е така лошо.

„Ако мојата статистика е точна, оваа сезона постигнавме 100 гола во сите натпреварувања. За многу дефанзивен тим, многу негативен тим, тоа и не е толку лошо“, беше саркастичен контроверзниот стручњак.

Одлична игра синоќа покажаа Герет Бејл и Хари Кејн. Двајцата напаѓачи постигнаа по два гола и потврдија дека можат да бидат заедно на теренот.

„Имаме неверојатен квалитет во нападот. Не само Бејл и Кејн. Тука се Сон, Ламела, Лукас Моура. Факт е дека ова не е Бејл од почетокот на сезоната. Во последно време, неговата игра е неверојатна и секако ни носи дополнителен квалитет. Што се однесува до Кејн, тој е едноставно незаменлив во овој тим“, истакна Мурињо.

Со оваа победа, Тотенхем стигна до шестото место со 45 бода, само два помалку од четвртопласираниот Челси, кој се наоѓа на местото кое води во Лигата на шампионите.

Се вчитува...