Мурињо: Баш е добро да си на врвот…

Жозе Мурињо не го крие задоволството што неговиот тим се врати на врвот на премиерлигашката табела „Спарси“ во исклучително тежок натпревар го совлада градскиот ривал Арсенал со 2-0, дуел за кој „спацијалниот“ имаше само пофални зборови и за противникот.

Тотенхем по неполни 24 часа се врати на чело на табелата, со два бода предност пред Челси и три повеќе од Ливерпул, но „црвените“ вечерва го играат дуелот со Вулверхемптон.

„Секако дека сме среќни, многу сме среќни. Го контролиравме мечот со добра одбрана, а Сон и Кејн… нивните реализации беа неверојатни. Во второто полувреме имавме проблеми, но мора да се истакне дека Арсенал е одличен тим, не ми е грижа кое место се на табелата, тие дефинитивно се одличен тим. Играа добро тактички, но ние бевме на висина на задачата. Зад нас се три тешки меча, со Сити, Челси и со Арсенал. Нормално е да се биде задоволен со четири бода против овие ривали, ние освоивме седум, така што навистина имаме причина да бидеме горди на себе. Искрено, баш е добро чувството да си на врвот, но свесни сме дека пред нас е уште многу работа“, истакна Мурињо.

Тотенхем во следното коло го очекува дуел со Кристал Палас, по што за 16 декември е закажано и дербито со Ливерпул на „Енфилд Роуд“.

Се вчитува...