Мурињо самиот се теши: Лигата на Конференции e поважна од скудетото

Рома остана без триумф и на петтиот меч во низа во Калчо-лигата, откако доминацијата против Венеција не беше претворена во конечна победа, па Жозе Мурињо и неговите избраници мораа да се задоволат само со бод против „фенерџијата“ на табелата.

Ова беше последен домашен меч на Рома сезонава, по што Мурињо јавно им се заблагодари на навивачите за поддршката што тимот ја добиваше во изминатиот период. „Волчицата“ останува во игра за освојување на трофејот во Лигата на Конференции на УЕФА, успех што за Мурињо е поголем дури и од освојувањето на титулата.

„Рома е големо семејство, останавме по мечот за да им се заблагодариме на навивачите. Имаме шанса да стигнеме до пехар, мислам дека заслужуваме такво нешто, но најмногу од се заслужуваат нашите навивачи. Ако тоа се случи, кога Интер или Милан ќе го кренат скудетото, мислам дека од аспект на страст и на желба, пехарот од Лигата на Коференции ќе биде поважен, ќе им значи повеќе на навивачите отколку шампионската титула на „росонерите“ или на „нероаѕурите“. Не знам дали отсекогаш било вака, но Рома има неверојатни навивачи. Навистина специјални“, ги пофали Португалецот приврзаниците на „римската волчица“.

Се вчитува...