Муса се повреди во најлош момент, Бадел го доби дербито во „Градски парк“

Бадел со победа ја стартуваше одбраната на титулата во женскиот кошаркарски шампионат, откако бранителките на трофејот по голема битка славеа во „Градски парк“ по новоформираниот клуб Работнички со 62-68. Домашниот тим е предводен од Едина Муса, но токму повредата на оваа кошаркарка во последната четвртина се покажа како клучна за конечниот исход на овој дерби-дуел.

Пресметката донесе израмнета игра на двете страни, а Бадел благодарение на агресивната игра во одбраната на одмор замина со водство од 27-32. Работнички експресно се врати на стартот на третата четвртина, во која по голема битка на крајот со минимална предност ја завршија гостинките од Кисела вода (45-46), со тројката на Адамовска од половина терен со звукот на сирената.

На крајот сепак пресуди повредата на Едина Муса, која при еден прекршок врз неа се пожали на болка во левото колено, не можејќи да го продолжи натпреварот на пет минути до крајот, при резултат 55-55. „Баделки“ го искористија отсуството на најдобрата домашна кошаркарка, со цврста одбрана ги затворија приодите кон сопствениот кош и на крајот триумфираа со 62-68.

Се вчитува...