Оклахома Сити гo победија Сан Антонио со 127-114 изминатава ноќ во финалната серија на Западот, па сега поведоа со 3-2, и се на еден чекор од борбата за шампионскиот пехар.
Како што е познато, пак, на Истокот веќе Њујорк Никс успеаја да го „исчистат“ својот ривал и, по 11 последователни победи, се пласираа во големото финале на НБА лигата.
Во петтиот натпревар, Оклахома го одбрани својот домашен терен, спречија брејк, предводени од актуелниот МВП, Шеј Гилџис-Александар со 32 поени, два скока и 9 асистенции. Шеј имаше само 39% од поле, односно 7/19, од кои шутираше 5/16 за два поени, а исто така погоди 17 слободни фрлања и беше прецизен 16 пати.
Следен најефикасен беше Алекс Карузо, кој имаше 22 поени и 6 асистенции, а впечатокот е дека тој беше најдобриот поединец на натпреварот меѓу Тандер и Спарс.
Треба да се напомене и дека Џаред Мекејн го заврши натпреварот со 20 поени и 3 скока, додека Чет Холмгрен имаше дабл-дабл учинок со 16 поени и 11 скока, додека Изеа Хартенштајн имаше 12 поени и 15 скока со 4 асистенции.
Од другата страна, го видовме Стефон Касл со 24 поени, 5 скока и 6 асистенции, Џулијан Шампени додаде 22 и имаше 8 скока, Виктор Вембањама имаше 20 и 6 скока, а Келдон Џонсон го заврши натпреварот со 15 поени.
Во ноќта меѓу четврток и петок, натпреварот број шест се игра во Тексас и ќе дознаеме дали ќе има седми натпревар или НБА-финале Њујорк – Оклахома.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
