МВР пред Шкендија – ТНС: Нулта толеранција за говор на омраза и насилство

Министерството на Внатрешни Работи преку кратко соопштение извести дека се преземаат низа мерки и активности за да бидат спречени инциденти за време на почетокот од новата европска сезона за македонските фудбалски клубови, денешниот меч меѓу Шкендија и ТНС, како и оној утрешниот меѓу Работнички и Хонвед. Од МВР потенцираат дека нема да се има никаква толеранција за ширење на говор на омраза и евентуално насилство на трибините.

Соопштението на Министерството за Внатрешни Работи го пренесуваме во целост:

Во пресрет на меѓународните фудбалски натпревари во рамките на квалификациите во Лигата на шампиони и Лига Европа кои ќе се одиграат денеска (10.07.) и утре (11.07.) на стадионот „Петар Милошевски“ и на стадионот “Телеком арена“ во Градскиот парк во Скопје, Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека ќе се преземат низа мерки и активности, како и зајакнати контроли со цел одржување на јавниот ред и мир. Апелираме до граѓаните кои ќе ги проследат натпреварите помеѓу екипите на ФК Шкендија (Македонија) и ТНС (Велс), како и помеѓу екипите на ФК Работнички (Македонија) и ФК Хонвед (Унгарија), да се воздржуваат од дејствија кои го нарушуваат јавниот ред и мир, а со цел да поттикнат насилство и други кривични дела. Министерството за внатрешни работи нема да покаже никаква толеранција кон насилство, нарушување на јавниот ред и мир и други кривични дела во рамки на Законот за спречување на насилство и недостојно однесување на спортски натпревари. Министерството за внатрешни работи ги повикува сите граѓани, особено навивачките групи на фер и спортско навивање, притоа проследувајќи ги спортските натпревари почитувајќи ги законските регулативи и правата на сите граѓани кои ќе дојдат да ги проследат натпреварите во живо.

Се вчитува...