МЗТ 2 и Црн Дрим по заверка на прволигашкиот статус

Во очекување на Купот на Македонија, тимовите кои што се борат за опстанок на прволигашката сцена денеска се враќаат во етерот со вторите натпревари во плејаут лигата во кои МЗТ Скопје 2 и Црн Дрим ќе имаат шанса да стигнат до „метла“ против својот конкурент и да го потврдат своето место во Првата лига следната сезона.

По победата на домашен терен, МЗТ Скопје 2 денеска му гостува на Вардар на „Кале“ од 17 часот. Избраниците на Боро Смилковски одиграа одличен натпревар на домашен терен во кој преку одличната одбрана го натераа составот на Вардар на 15 изгубени топки. Покрај тоа „сино-белите“ го контролираа скокот, а добриот протик на топката донесе и отворени обиди кон противничкиот кош.

За разлика од аеродромци, Вардар се мачеше да го најде напаѓачкото темпо, а зонската одбрана не донесе плод против расположените „штркчиња“. Денеска избраниците на Александар Јованчев ќе мораат да бидат на врвот на својата задача во натпреварот „да се биде или не“, каде секоја грешка може да биде кобна по амбициите на клубот. Едно е јасно, не очекува интересен натпревар со многу надмудрување, помеѓу две млади екипи каде што ќе одлучат ситници.

Во исто време (17:00) шанса за потврда на местото во Првата лига следната сезона ќе има и составот на Црн Дрим кој направи „брејк“ во серијата со победата во Гостивар. Стружани добро ги користеа предностите на својот тим на натпреварот во „26ти Април“ па јасно е дека со истата формула избраниците на Чочороски денеска ќе се обидат да стават крај на серијата.

Гевеличани пак на првиот меч потфрлија во скок играта и играта во рекетот каде царуваа високите играчи на Црн Дрим, а со тоа беа анулирани и 14-те постиганти тројки. За Кожув да се надева на „мајсторка“, денеска ќе мора повторно да биде на врвот на својата задача во шутот од далечина, да се активира и Марко Симоновски и сериозно да го поправи сегмент од играта кој што беше кобен по „црвено-белите“.

Се вчитува...