МЗТ донесе нов Американец, ќе дојде и нов центар

МЗТ Скопје ги засили своите редови со ангажманот на Арон Харис, 26-годишен американски бек (26 год., 191 см.) кој потпиша договор со „металците“ до крајот на сезонава. Воедно, македонскиот првак најави дека во блиска иднина ќе потпише и нов играч на центарската позиција, кој би го наследил Нуни Омот во тимот предводен од Ѓорѓи Кочов.

„Станува збор за кошаркар со репутација на исклучителен поентер, кој универзитетската кариера ја минал на два престижни универзитети, Вест Вирџинија и пред сѐ Мичиган стејт, каде што работел со еден од најеминентните тренери во САД, Том Изо. Тоа е колеџот за кој во минатото играл еден Меџик Џонсон и кој зад себе има две титули во НЦАА-лигата. Потоа кариерата ја продолжил во Џи-лигата во екипата на Висконсин херд, а минатата сезона ја одиграл во Финска во екипата на Тампере Пиринто. Харис нема да има проблем да се вклопи на теренот заедно со сонародникот Џабари Хиндс, со оглед што двајцата одиграа две сезони како соиграчи во Вест Вирџинија универзитетот“ – се вели во соопштението на „металците“.

Харис нема да може да настапи на претстојниот меч од АБА2 во Сплит, со оглед на фактот дека неговото пристигнување во Скопје се очекува во текот на претстојната седмица.

Се вчитува...