МЗТ доведе американски бек и крилен центар од Хрватска

МЗТ Скопје доведе уште двајца странски кошаркари, со што тренерот Ѓорѓи Кочов е многу блиску до заокружување на ростерот за наредната натпреварувачка сезона. Нови членови на актуелниот македонски првак од денеска се американски бек Џабари Хиндс и Хрватскиот крилен центар Марин Морнар, кои потпишаа едногодишни договори со „металците“.

Хиндс, кој игра на двете бековски позиции, доаѓа со епитетот најдобар стрелец во Полска настапувајќи за екипата на Кросно, во која на 30 средби просечно реализирал 21,7 поен заедно со 5,1 асистенција и 2,8 скока. Европската кариера ја почнува во тимот на Сигал Приштина (2016/17) со просек од 13,3 поени на вкупно 45 средби одиграни за оваа екипа. Потоа се сели во Унгарија, каде што игра за Атомерому, каде што на 34 средби просечно реализира 15,9 поени со 4,2 асистенции и 2,7 скока.

Морнар, игра на позицијата крилен центар, а интересно е што без разлика што е роден во Загреб, тој нема настапувано за тим од Хрватска, а првите сериозни кошаркарски чекори ги прави во дресот на Универзитетот Лајола Меримаунт за кој настапува во периодот од 2012 и 2016 година. Најдобар учинок имал во претпоследната сезона во овој тим од НЦАА-лигата кога просечно реализирал 9,9 поени со 5,3 скока.

Европската кариера ја почнува во данскиот прволигаш Хорсенс (2016/17), додека следната година игра за шведскиот тим Борас. Јавноста на просторите од поранешна СФР Југославија подобро го запознава лани кога потпиша за црногорскиот АБА-лигаш Морнар. Таму не се задржа долго, па по одиграни 11 средби сезоната ја доврши во австриската екипа Флајерс Велс.

Тренерот Ѓорѓи Кочов од вчера тренира со шестмината репрезентативци кои се под договор со нашиот тим и тоа Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко и Бојан Крстевски, заедно со пет помлади кошаркари чие време допрва доаѓа како Иван Волкановски, Ранко Мамузиќ, Леонид Тодоровски, Бојан Стојановски и Љубиша Димитровски. Во текот на следната седмица се очекува доаѓањето на Морнар и на Хиндс, како и на кенискиот интернационалец Нуни Омот.

Се вчитува...