МЗТ е фаворит, но Фени нема да се предаде

Фени индустри рутински славеше во четвртфиналната пресметка со Охрид, но домаќинот на завршниот турнир во Кавадарци вечерва ќе го има најголемиот предизвик – во полуфиналето ќе се сретне со бранителот на трофејот МЗТ Скопје. Кавадарчани загубија убедливо од „металците“ во рамките од Супер-купот, потоа одиграа неизвесен натпревар пред стартот на сезонава во рамките од турнирот во салата „Јасмин“, но ситуацијата е променета, пред се поради големите играчки и тренерски промени во редовите на МЗТ во последните месеци.

Тоа беа две наши различни изданија, но не сакаме да се навраќаме на тие средби бидејќи МЗТ сега е сосема поинаков тим, засилен со неколку нови кошаркари, а исто така има и нов тренер на клупата. Не е никаква тајна дека МЗТ Скопје е фаворит, тоа е тим што сезонава игра во АБА-лигата и во Еврокупот, врвни натпреварувања  во кои се игра на едно повисоко ниво. Самото темпо на игра е повисоко и тоа му овозможува на МЗТ полесно да игра на домашната сцена, како што видовме и на вчерашниот дуел со Кожув. Наш адут сигурно ќе бидат навивачите, играме на домашен терен и со сигурно можам да најавам дека нема да се предадеме. Напротив, ќе играме борбено и ќе ја искористиме секоја шанса за изненадување што ќе ни се укаже“ – изјави тренерот Љупчо Малинков.

Фени индустри ќе настапи комплетен на овој натпревар, додека кај МЗТ Скопје ќе недостига повредениот Синовец, а неизвесен е настапот на Клоф.

Се вчитува...