МЗТ со пехарот, во Битола победи кошарката (ФОТОГАЛЕРИЈА)

МЗТ Скопје е победник на завршниот турнир од Купот на Македонија, со што „металците“ со 12. пехар се зацврстија на врвот на листата најтрофејни клубови во ова натпреварување.

Аеродромци покажаа квалитет и карактер, беа најдобри кога беше најважно и против Работнички и против Пелистер и стигнаа до посакуваниот пехар, покажувајќи дека и покрај инвестициите на ривалите сепак МЗТ се уште е тимот што мора да се победи ако се сака да се стигне до врвот, а тоа барем засега тешко им успева на противниците.

Секоја чест на „металците“ за трофејот, но овие три дена во Битола апсолутен победник беше кошарката. Организиран беше турнир што покажа како треба да изгледа купот во иднина, три дена во знакот на спортот без ниту еден единствен инцидент.

Напротив, апсолутна кошаркарска промоција крунисана со денешното финале, во кое на трибините имаше две навивачки групи, на крајот победија гостите, но ниту за време, ниту по натпреварот немаше буквално ниту еден инцидент.

„Пелистерци“ со право се разочарани што останаа без пехарот, но од друга страна мора да бидат горди на сработеното на организациски план. И нема сомнеж дека ако продолжат да се развиваат од клупски аспект како што тоа го прават од стартот на сезонава, наскоро ќе дојдат и трофеите.

 

Се вчитува...