МЗТ игра шампионски: Пелистер „изгоре“ во третата четвртина во Аеродром

МЗТ Скопје поведе во финалната серија против Пелистер откако во првиот натпревар славеше со 91-76. Аеродромци добро ја искористија предноста во поширока клупа во текот на целиот натпревар, одиграа одлично второ полувреме во кое го имаа расположениот Војдан Стојановски, го лимитираа Никола Малешевиќ и го одбранија домашниот терен. По одличните игри во текот на Супер-лигата и полуфиналето од плејофот, „металците“ и во овој прв финален дуел покажаа шампионски капацитет, казнувајќи ја нешто послабата трета четвртина  на противникот (28-19) за убедлива победа на стартот од оваа финална серија.

Одбраната беше во преден план на отварањето на натпреварот. МЗТ Скопје со високо искокнување успеа да го спречи течниот напад на Пелистер па поведе со 7-2, но битолчани одговорија со добра одбрана од “пик” ситуациите па стигнаа до лесни поени во транзиција за превземање на водството (7-10). Изедначениот ритам продолжи и до крајот на првата четвртина, а домаќините оние кои подобро ја искористија ширината на клупата па преку Крстевски и Дејвис поведоа со 23-18. Аеродромци добро го заштитија рекетот, беа расположени и во реализацијата во нападот па поведоа со 31-22 на отварањето на вторите десет минути.

Сепак, Пелистер навремено ги консолидираше своите редови, заигра агресивно во одбраната, најде решение во рекетот, го имаше и расположениот Кесар па успеа да стигне до изедначување (33-33) и да ја врати резултатската неизвесност. Играта “кош за кош” продолжи речиси до полувремето, а серијата на тројки на аеродромци им донесе предност од 47-41 на “големиот одмор”.

Со тројката на Дамјан Стојановски на отварањето на второто полувреме МЗТ Скопје повторно стигна до највисоката предност (50-41), но не успеа да го наметне своето темпо. Битолчани одговорија преку Кесар и Стајиќ па ја преполовија негативата, а во високото темпо на двете страни од теренот кое следеше подобро се снајдоа домаќините. Бековите на Петровиќ одиграа одлично во одбраната против оние на Илиевски па “сино-белите” стигнаа до отворени обиди кои искусните кошаркари предводени од Војдан Стојановски знаеја да ги искористат за 71-56.

Тајмаутот на гостите ги консолидираше редовите на “зелено-белите”, но и покрај тоа пред последната четвртина остана високата предност за домашниот состав (75-60). Агресивната одбрана на Пелистер го запре нападот на МЗТ Скопје две и пол минути во четвртата четвртина, но гостите не успеаја да профитираат во нападот и рано да ја вратат едноцифрена негатива. МЗТ Скопје умешно одолеаја на налетот на гостите кои во еден момент стигнаа до -7 (80-73) и сосема заслужено стигна до предност во серијата.

Војдан Стојановски и Милошевиќ со по 19 поени беа најефикасни во победничкиот тим, а одличен беше и Ајви, кој реализираше 11 поени, 10 асистенции, пет скокови и три украдени топки. Во таборот на Пелистер главен играч беше Кесар со 22 поени, а двоцифрен ефект имаше само уште Малешевиќ (15 поени).

Вториот натпревар од финалната серија ќе се игра в недела со почеток во 18.30 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.

Се вчитува...