МЗТ ја освои Љубљана и побегна од „фенерот“ во АБА

МЗТ Скопје конечно врза две победи во АБА-лигата, совладувајќи ја Унион Олимпија среде Љубљана со резултат 72-91, за прва гостинска победа на македонскиот првак во регионалното натпреварување оваа сезона. Словенечкиот главен град се покажува таличен за македонските клубови, откако по минатонеделниот триумф на Карпош соколи вечерва од Љубљана со цел плен се враќаат кошаркарите на МЗТ. И доколку „соколите“ дојдоа до победата со беспрекорен напад, МЗТ искористи поинаков рецепт, па со одлична одбрана си го трасираше патот до овој многу значаен триумф со кој по подолг период побегна од дното на табелата.

Уште од самиот почеток беше очигледно дека одбраната на „сино-белите“ функционира на повисоко ниво од претходните натпревари. Резултатот на половина од првата четвртина гласеше 5-6, пред Синовец да погоди тројка за скопскиот клуб. МЗТ Скопје во целата прва четвртина му овозможи на противникот да постигне само дванаесет поени, завршувајќи го овој дел од мечот со резултат 12-16, а избраниците на Анте Назор во ист стил продолжија и во вториот период. Олимпија набрзина се приближи на 17-18, но словенечкиот клуб потоа четири минути беше без постигнат поен, што „металците“ го искористија па предводени од Темс (11 поени само во втората четвртина) заминаа на одмор со одлична предност од 33-42.

olimpija mzt

Домаќините заиграа нешто подобро во одбраната на стартот од второто полувреме, во кое МЗТ Скопје во првите четири минути беше без погоден шут од поле. По намерната лична грешка на Лалиќ кошаркарите на Олимпија се приближија на 38-43, но во вистински момент проработе Темс постигнувајќи тројка, следниот напад го реализираше Синовец, па нападот на македонскиот првак повторно влезе во посакуваниот ритам. На спротивната страна одбраната повторно функционираше беспрекорно, па МЗТ со поените на Синовец во 28. минута стигна до најубедливи „плус 15“ (43-58).

Третата четвртина заврши со убедливи 48-65 за македонскиот шампион, а за разлика од претходното коло и големиот пад на концентрација против Мега Лекс, овојпат Анте Назор не дозволи да дојде до опуштање кај неговите избраници. „Сино-белите“ го контролираа резултатот до последниот свиреж на сирената, па првата победа на гостински терен сезонава воедно и беше убедлива, изразена со конечни 19 поени разлика (72-91).

Ксавиер Темс беше најзаслужен за оваа победа со 21 поен и 4 асистенции, Дреновац го заврши мечот со 17 поени и пет асистенции, а вообичаено добар беше и Американецот Џош Скот, кој реализираше 15 поени, 8 скока, четири асистенции и три блокади.

МЗТ Скопје во рамките од следното коло наредната недела точно на пладне ќе го пречека вториот словенечки претставник во АБА, екипата на Крка.

Се вчитува...