МЗТ Скопје е на добар пат да се врати назад во елитното друштво на АБА-лигата, но тоа само по себе ќе повлече нов проблем, бидејќи кошаркарската елита во регионот најавува турнирски систем. Стартот е закажан за почетокот на месец октомври, што повлекува нов проблем бидејќи тоа ќе значи дека „металците“ ќе мора да минуваат по дваесетина дена надвор од државата и нема да бидат во можност да настапуваат во домашното првенство, чиј старт исто така е закажан за стартот на октомври.
„Во контакт сме со АБА и очекуваме во најскоро време и официјално да бидеме примени во првата лига на регионалното натпреварување. Сведоци сме на конфликт меѓу Партизан и Црвена Звезда, но последните информации говорат дека проблемите ќе бидат решени и сезоната ќе почне според планираното. Бидејќи ждрепката е веќе направена, ние ќе го заземеме местото во календарот на Приморска, што значи дека во првото коло би играле со ФМП, а потоа со Олимпија, Игокеа… На следниот состанок на АБА ќе се дискутира и за промена на системот за натпреварување, односно одржување на турнири во различни градови во кои би се играле по шест кола. Планирано е домаќин на првиот ваков турнир да биде Игокеа“, изјави директорот на МЗТ Скопје, Тони Грнчаров.
Ова практично значи дека „металците“ ќе минуваат по дваесетина дена во еден град од поранешна Југославија, потоа на краток период ќе се вратат во Македонија, по што ќе следи нов турнир на друга локација каде би играле нови шест средби во АБА. Проблемот е во тоа што во периодот од 3 октомври до 19 декември МЗТ Скопје треба да игра и 11 натпревари на домашната сцена, само во првиот круг од натпреварувањето од македонската прва лига.
„Металците“ предолго време ќе бидат надвор од државата во овој период, па ќе биде речиси неверојатно да се одиграат и овие 11 средби на домашната сцена.
„На последниот состанок разговаравме и на оваа тема. Не можеме однапред да реагираме и да менуваме распоред, кога МЗТ Скопје официјално се уште не е примен во АБА1, ниту пак е донесена конечна одлука околу најавите за турнири ширум поранешна Југославија во ова натпреварување. Ја следиме ситуацијата и свесни сме дека може да дојде до судир на термините. Ќе се направат одредени отстапки, па МЗТ ќе игра во забрзан ритам во периодот кога ќе биде во Македонија, за да ги надополни заостанатите натпревари. Разгледуваме опции, со конечно решение ќе излеземе доколку се реализираат најавите, за влез на МЗТ Скопје во АБА1 и за турнирски систем на натпреварување“, вели Генералниор секретар на КФСМ, Влатко Георгиевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА