МЗТ направи од готово, вересија – но на крајот ја победи Мега

МЗТ Скопје во 20. натпревар сезонава во АБА-лигата стигна до својата шеста победа, триумфирајќи на домашен терен над Мега лекс со резултат 75-74. Дуелот кој важеше за битка за опстанок, бидејќи Мега влезе во овој меч со само една победа повеќе од македонскиот првак, мина во знакот на „металците“, кои го контролираа резултатот, прикажаа далеку подобра игра од противникот, но со огромен пад во последната четвртина им овозможија на гостите целосно да се вратат во натпреварот. Само два погодени шута во последните десет минути се јасен знак зошто МЗТ се наоѓа на дното на табелата, но покажаниот карактер и цврстината во одбраната се најава дека макеонскиот шампион би можел да влезе во

Првата четвртина донесе почетно одмерување на силите, во кое ниту еден од двата тима не успеа посериозно да се одлепи резултатски, па овој период заврши со минимално водство на МЗТ од 23-21. „Металците“ во вторите десет минути ја консолидираа одбраната, значително отежнувајќи ја задачата на гостите при нивните обиди да реализираат во рекетот на македонскиот првак. Одличниот финиш им овозможи на избраниците на Анте Назор кон крајот на полувремето да дојдат и до двоцифрена позитива, па на одмор да заминат со 44-34.

Во прилог на МЗТ беше и фактот дека Каба, кој е најдоминантен играч во рекетот на Мега лекс, на стартот од третата четвртина ја заработи четвртата лична грешка и мораше да се пресели на клупата. Гостите погодија неколку удари од далечина, но МЗТ одговори со своја мини-серија, па во последната четвртина се влезе со водство на македонскиот клуб од 68-56.

Со тројката на Симоновски во 32. минута МЗТ Скопје поведе со 71-57, но потоа следеше огромен пад на концентрацијата кај „металците“. Младиот тим на Мега го искористи тоа и направи серија од огромни 12-0, не помогна ниту тајмаутот на Назор, па во последните минути се влезе во неизвесна завршница. Клоф, кој одигра фантастичен меч со низа атрактивни потези, со забивање ја прекина серијата на гостите, но проблемите со реализацијата продолжија и во следните неколку напади. На почетничките грешки им немаше крај, па Дреновац пет секунди не можеше да ја изведе топката од страна, па Мега доби шанса што ја искористи и со тројката на Чанчар поведе со 73-74.

Клоф изнуди лична грешка, но само еднаш беше прецизен од линијата за слободни фрлања и во последните 45 секунди се влезе со резултат 74-74. МЗТ успеа да се одбрани, со што „металците“ го добија последниот напад во обид да слават на оваа средба. Мушиди направи лична грешка врз Тејмс, но Американецот беше само еднаш прецизен, па Мега лекс доби напад за победа при 75-74. Чанчар ја презеде одговорноста, но промаши, па МЗТ многу потешко од очекувањата на крајот сепак успеа да стигне до минимален триумф.

Скот одигра уште еден одличен натпревар за македонскиот состав со 17 поени и 12 скокови, петнаесет поени постигна Клоф, а 12 поени беша дело на Ѓорѓе Дреновац.

МЗТ Скопје во следното коло од АБА-лига ќе има тешко гостување против словенечкиот состав Унион Олимпија.

Се вчитува...