МЗТ очаен, пораз од Игокеа за чекор кон „фенерот“ во АБА

МЗТ Скопје повторно се приближи кон дното на табелата во АБА-лигата откако „металците“ вечерва неочекувано загубија на домашен терен од Игокеа со 67-71. Македонскиот првак одигра катастрофален натпревар, пред се во нападот, па и во периодите кога гостите грешеа „металците“ не знаеја како да го искористат тоа и да стигнат до победата. Пресвртот за водство од 61-58 сепак беше недоволен, но реалноста е дека МЗТ со ваква очајна игра и не заслужи ништо повеќе од пораз на вечерашниот натпревар.

Уште од самиот почток стана јасно дека МЗТ Скопје ќе има проблеми против составот на Игокеа, кој играше растоварено, па без преголем резултатски притисок со леснотија ги завршуваше своите напади. Македонскиот првак водеше со 7-6, пред гостите да постигнат шест поени во низа и да почнат да се одлепуваат резултатски. Игокеа имаше водство до крајот на полувремето, завршувајќи ја првата четвртина со 14-20, за во вториот дел во неколку наврати да имаат и „плус девет“. Згора на тоа Клоф влезе во проблеми со личните грешки, а шутот од далечина не функционираше, па Назор се соочи со проблеми да внесе самодоверба кај своите кошаркари. МЗТ Скопје сепак успеа да се разбуди во финишот од полувремето, па по дваесет минути игра „металците“ имаа само два поени негатива (38-40).

tejms igokea

Второто полувреме почна со атрактивна блокада на Дреновац над гостинскиот центар Албијаниќ, но проблемите со нападот од првиот дел се повторија, па Игокеа набрзина поведе со 38-44. „Сино-белите“ стигнаа до израмнување на 48-48, но Игокеа повторно постигна осум поени во серија и солидна предност од 48-56, принудувајќи го Назор на нов тајмаут. Клоф влезе во игра, но веднаш потоа направи почетничка лична грешка, чеврта за него, за Игокеа да ја заврши третата четвртина со предност од 51-58.

Игокеа се соочи со криза во нападот од последниот период, но и МЗТ имаше проблеми, успевајќи само да намали на 57-58 во 35. минута. Клоф погоди едно од двете слободни фрлања за 58-58, за по уште една загубена топка на Игокеа Лалиќ да одговори со иста мера, со нова лична грешка во напад. Шарлон Клоф на четири минути до крајот ја заработи и петтата лична грешка, но Тејмс кој влезе на негово место погоди тројка за прво водство на МЗТ по пауза од над 30 минути (61-58). Игокеа првите поени во четвртината ги постигна во 37. минута, откако Мичовиќ беше прецизен од линијата за слободни фрлања. Истиот кошаркар уште еднаш беше прецизен преку Ѓуроски, па Игокеа поведе со 61-62 на две и пол минути до крајот.

skot kuca igokea

Тејмс промаши два напади во клучните моменти, а по грешката на гостите Анте Назор при резултат 62-64 побара тајмаут, на 88 секунди до крајот. Дреновац изнуди петта лична грешка од Радивојевиќ, но Србинот повторно беше само еднаш прецизен од линијата за слободни фрлања. Робинсон беше два пати прецизен од „пенали“, но Тејмс возврати со положување за 65-66. Клучен момент сепак беше тројката на Милошевиќ на 34 секунди до крајот, со која Игокеа стигна до „плус четири“ (65-69), за тежок пораз што ги остава „металците“ во тешка битка за опстанок во финишот од сезоната.

Дреновац постигна 16, а Тејмс 15 поени, но и двајцата имаа слаб шут од поле (Србинот 6/14, а Американецот 4/14), Лалиќ постигна десет, а Скот девет поени во новиот пораз на македонскиот шампион.

МЗТ Скопје во следното коло му гостува на Будуќност, по што во последната рунда ќе го пречека Морнар, меч што според прогнозите ќе биде решавачки за опстанокот на „металците“ во регионалното натпреварување.

Се вчитува...