МЗТ против Морнар за крај на „мачењето“ во АБА-лигата

МЗТ Скопје со вечерашниот натпревар против Морнар (18 часот) ставаат крај на турбулентната сезона во АБА-лигата, во која македонскиот тим влезе со притаен оптимизам за место во Топ 4, за на крајот да води жестока борба за опстанок. Веќе е јасно дека Крка е тимот што испаѓа од регионалното натпреварување, па денешниот натпревар нема посебно резултатско значење. „Металците“ во секој случај ќе атакуваат на триумф со кој би си ја зголемиле самодовербата пред стартот на Супер-лигата, в четврток против Фени. Ова воедно ќе биде и последен натпревар во сезоната за Џош Скот, кој по завршувањето на АБА-лигата ќе си замине од редовите на македонскиот првак.

Очекувам натпревар на кој ќе се прикажеме во добро светло, далеку подобро отколку на последните четири средби, се со цел на најдобар можен начин да ставиме крај на обврските во АБА-лигата сезонава. Мораме да бидеме борбени и максимално агресивни на нивната надворешна линија, која креира предност за Морнар. Со тоа би наметнале силен ритам и би го подобриле движењето на топката што е неоходно за добар напад. За нас ова е своевидна генерална проба пред обврските кои се пред нас во домашното првенство, а воедно и шанса за давање на поголем просто на играчите кои досега и не беа премногу дел од ротациите на натпреварите во АБА“ – изјави тренерот Анте Назор.

Управата на клубот донесе одлука влезот за вечерашниот натпревар да биде бесплатен, за заокружување на сезоната во регионалното натпреварување.

Се вчитува...