МЗТ се „буди“, Крка преслушана за трета победа во низа во АБА

Кошаркарите на МЗТ Скопје за првпат сезонава врзаа три победи во низа во АБА-лигата, откако попладнево славеа над Крка со убедливи 89-65. Видно охрабрени по последните победи над Мега лекс и Унион Олимпија, избраниците на Антe Назор одиграа одличен натпревар, декласирајќи го директниот ривал во битката за опстанок. Со оваа победа „металците“ конечно побегнаа и од дното на табелата, оставајќи ги зад себе екипите на Крка, Морнар и Задар, кои имаат триумф помалку во однос на македонскиот шампион.

МЗТ Скопје беше подобар тим во првата четвртина, па по почетното одмерување на силите македонскиот шампион почна да го наметнува својот стил на игра. Лалиќ беше одличен под обрачите, прецизни во реализацијата беа и Тејмс, Клоф и Скот, па „металците“ неслучајно го завршија првиот период со убедлива предност од 27-18. Сепак, почетокот на втората четвртина донесе и голема криза во играта на тимот на Анте Назор, па така МЗТ во првите шест минути не погоди ниту еден шут од поле, а единствените поени беа дело на Шарлон Клоф од линијата за слободни фрлања.

Дреновац ја превзеде одговорноста по тајмаутот на Назор, па со асистенција до Скот и два погодени шутеви српскиот бек го врати МЗТ Скопје во водство. Сепак, во финишот од мечот дојде до конфузност во играта под обрачите на „сино-белите“, по што Крка повторно успеа да се врати, Словенците дури и поведоа со 39-40, пред Драновац да погоди за водство на македонскиот шампион од 41-40 на крајот од првото полувреме.

Ребец делуваше расположено на стартот од третата четвртина, но „металците“ за неколку минути успеаја да го неутрализираат, по што тргнаа во одлична серија. Скот и Лалиќ функционираа одлично во битката под обрачите, профункционира и дефанзивниот скок, па со петте поени на Ван Острум МЗТ за првпат дојде до двоцифрена предност (61-50), принудувајќи го гостинскиот тренер на тајмаут. Гостите се обидуваа со удари од далечина да се вратат во мечот, но не беа прецизни, па третата четвртина заврши со предност на македонскиот шампион од 63-53.

Словенците се обидоа со агресивна одбрана да го исфрлат македонскиот шампион од ритам, но набрзина влегоа во бонус, олеснувајќи ја задачата на „металците“ во завршницата. Доколку на претходниот домашен меч против Мега лекс „сино-белите“ самите си ја искомпликуваа работите, овојпат тоа не беше случај, МЗТ одигра крајно интелигентно и уште повеќе си ја зголеми предноста за конечни 89-65.

Џош Скот одигра одличен натпревар со 24 поени и 13 скокови, Тејмс постигна 16, а Дреновац 14 поени за македонскиот шампион.

МЗТ Скопје својот следен натпревар во АБА-лигата го игра на 21 февруари (вторник), на гостински терен против ФМП. Претходно, „мееталците“ ги очекува завршниот турнир во Купот на Македонија, па доколку стигнат до финалето ќе мора да играат четири натпревари во период од пет дена.

Се вчитува...