МЗТ се раздели од Стојановски, сега го бара Робев

МЗТ Скопје реши да ја прекине соработката со Лука Стојановски, иако младинскиот репрезентативец за Македонија лани потпиша четиригодишен договор со аеродромци. Стојановски дојде во МЗТ минатиот март и беше најавен како голем талент, со оглед на фактот дека се врати назад во Македонија од италијанскиот тим Лидо ди Рома. Сепак, по последните разговори со управата на клубот е донесена одлука за разделба, со што Стојановски ќе има можност да замине во клуб каде ќе има многу поголема минутажа.

„Металците“ во меѓувреме се во потрага по нови домашни кошаркари со кои би го дополниле ростерот. Прва желба на тренерот Кочов е Дамјан Робев, поранешен младински репрезентативец на Македонија и член на Вардар. Се уште нема конечна одлука дали ќе биде обезбеден буџет за МЗТ Скопје и со вториот тим да биде дел од елитното друштво, нешто што младите играчи го заслужија со освоеното прво место во Втората лига.

Се очекува македонскиот првак во следните петнаесетина дена да ангажира и нови двајца странски кошаркари, по еден на центарската и на бековската позиција, со што ќе биде комплетиран ростерот пред стартот на подготовките.

Се вчитува...