МЗТ се „сопна“ во Словенија, Хиндс промаши шут за победа

МЗТ Скопје го претрпе вториот пораз сезонава во АБА2-лигата, губејќи на гостувањето против Хелиос со резултат 78-76. Македонскиот првак има за што да жали бидејќи се врати од двоцифрена негатива во последната четвртина, успеа дури и да поведе, но во самата завршница го загуби натпреварот. Американецот Хиндс пред неколку дена погоди шут за победа против Пелистер, но денеска не беше прецизен, па „металците“ за жал не успеаја да забележат нов триумф во регионалното натпреварување.

Првото полувреме мина во израмнета игра, стартната четвртина заврши 24-24, а на одмор се замина со резултат 43-43. Хелиос наметна темпо во третата четвртина, добивајќи ја со 23-13 и создавајќи си убава предност. Словенечкиот состав водеше и во последниот период, со 67-54, но Хиндс и Дамјан Стојановски го вратија МЗТ во натпреварот. Капитенот Стојановски со прецизни слободни фрлања донесе и водство од 75-76, но Хелиос возврати реализирајќи го следниот напад. „Металците“ имаа можност да реализираат за победа, но Хиндс не беше прецизен, а по дефанзивниот скок судиите го оценија прекршокот на Симоновски како неспортски, со што беше ставен крај на надежите за триумф.

Хиндс беше најефикасен во таборот на МЗТ Скопје со 29 поени, двоцифрен ефект имаше само уште Стојановски (15 поени), а новиот Американец Херис не се прослави, не постигнувајќи ниту еден поен за 11 минути игра (0/4 од поле).

МЗТ Скопје во следното коло на 21 ноември на домашен терен ќе го пречека претставникот на БиХ, тимот на Широки Бријег.

Се вчитува...