МЗТ Скопје 2 бара службена победа – Вардар настапил со нерегистриран кошаркар во плејаутот

МЗТ Скопје 2 поднесе официјална жалба до КФСМ, барајќи службена победа на вториот плејаут дуел за опстанок против Вардар поради настап на нерегистриран кошаркар за „црвено-црните“.

Вардар го доби мечот на терен со 68-56, но управата на „металците“ тврди дека станува збор за грубо кршење на правилата поради фактот дека на теренот се појавил играч кој воопшто не бил дел од записникот. Доколку биде потврдено дека станува збор за ваков катастрофален пропуст кај „црвено-црните“, тоа автоматски мора да значи и службена победа на МЗТ Скопје 2, исход со кој младите „штркчиња“ би го обезбедиле опстанокот.

Ставот на МЗТ Скопје 2 го пренесуваме во целост:

Капитенот на МЗТ Скопје УНИ Банка со својот потпис во записникот официјално поднесе жалба на денешната средба против Вардар (56-68), откако за противникот настапи играч кој воопшто не беше внесен во пријавната листа за овој натпревар, што е спротивно на актите на КФМ.
Причина за нашата жалба е фактот што на 21 секунда до крајот на третиот период во игра за противникот влезе играч со број 34, кој воопшто не беше во пријавната листа односно го немаше во записникот. Од наши извори дознавме дека станува збор за Данаил Иванов, кој не беше регистриран за настап на денешната средба, но кој одигра 11 секунди надвор од пропозициите и актите на КФМ. Нашето тврдење може да се потврди со поглед на статистиката од овој меч на сајтот на Куќата на кошарката, каде што воопшто нема кошаркар со бројот 34 во тимот на Вардар, како и со гледање на снимката на средбата (на 1:16.00 од објавеното видео).
Членот 27 од Правилникот за натпреварување во сениорските лиги е јасен и предвидува службена победа со 20-0 за МЗТ Скопје УНИ Банка поради грешката што ја направија од тимот на Вардар.
„Екипа која ќе настапи со играч кој е неправилно или воопшто не е регистриран, играч кој е под суспензија или издржува одредена казна, го губи натпреварот службен резултат 20:0 и не добива бод предвиден за пораз“, се вели во посочениот член.
Тоа значи и конечна победа од 2-0 во плејаут-серијата и опстанок за нашиот тим. Очекуваме од комесарот Александар Милојевиќ само да ги утврди посочените факти, кои се максимално јасни и чисти и позитивно да се изјасни по нашата жалба. Сѐ поинаку од една ваква одлука би било кршење на актите според кои се игра кошарка во Македонија.

Се вчитува...