МЗТ Скопје делува недопирливо во АБА2

МЗТ Скопје делува моќно на стартот од новата сезона во АБА2 лигата, откако македонскиот првак и во третото коло стигна до убедлива победа, овојпат на домашен терен против Рогашка со резултат 74-54. „Металците“ се соочија со проблеми само во првата четвртина, за потоа благодарение на цврстата одбрана во вториот период да стигнат до предност што до крајот дополнително ја зголемиија.

Гостите од Словенија подобро го стартуваа натпреварот, па по осум минути игра имаа и водство од 13-20. Кошаркарите на МЗТ Скопје не само што до крајот на четвртината намалија на 19-20, туку во вториот период за десет минути примија само пет поени (15-5), вртејќи го резултатот во своја полза. Полни со самодоверба, „металците“ предводени од капитенот Дамјан Стојановски не само што стигнаа до двоцифрена предност, туку продолжија во ист ритам, на крајот стигнувајќи до триумф изразен со конечни „плус дваесет“.

Дамјан Стојановски со 18 поени, девет скокови и пет украдени топки беше најдобар поединец во таборот на „металците“, Бојан Крстевски постигна 13 поени, додека Андреј Маслинко го заврши мечот со девет поени и осум скокови.

МЗТ Скопје во рамките од четвртото коло ќе го пречека Борац Чачак, во обид да ја продолжи победничката серија од почетокот на сезоната.

Се вчитува...