Последниот ден од првиот месец годинава ќе се памети и по информацијата дека договор со МЗТ Скопје Аеродром потпишал капитенот на македонската репрезентација, Војдан Стојановски.
Тој од денеска, за првпат во кариерата, е член на нашиот клуб, каде што ќе настапува заедно со својот брат-близнак, Дамјан, тандем од кој очекуваме да биде движечка сила на патот кон одбрана на двојната круна на домашна сцена и атак на промоција во јадранската елита преку АБА2-лигата.
За Војдан Стојановски ова ќе биде враќање во македонската клупска кошарка по повеќе од една деценија, со оглед што интернационалната авантура ја почна во 2011 година, кога замина за Украина. Од тогашниот настап за Черкасеи мавпи, македонскиот репрезентацивец настапуваше за Доњецк, Алба Берлин, Андора, Реал Бетис, Бујукчекмече, Олденбург, По Ортез и Гравелин. Кариерата ја почна во Вардар, а има играно уште и за АМАК-СП, Напредак Крушевац и за Фени индустри.
Сезонава се опоравуваше од повредата на коленото, по која сега е стоотстотно подготвен да го даде максимумот во дресот на МЗТ Скопје Аеродром. Неговиот договор со нашиот клуб е до крајот на сезоната, со можност за евентуално понатамошно продолжување на соработката ако двете страни најдат заеднички јазик по одигрувањето на последниот меч.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА