МЗТ Скопје стави крај на серијата од седум победи во низа на Еуро Никел откако на гостински терен во заостанатиот натпревар од 19. коло славеше со 81-96. Аеродромци одиграа одличен дефанзивен натпревар во кој успеаја да го исконтролираат скокот (30-38), го затворија рекетот каде дозволија само 30 поени на кавадарчани, притоа ги служеше и шутот за три поени од каде реализаираа 14 обиди, па сосема заслужено стигнаа до нова победа со која останаа во игра за првите три позиции на табелата.
Двата тима беа „шутерски“ расположени на отварањето на натпреварот во кое иницијативата им припадна на домашните играчи. Еуро Никел преку Рикиќ покажа доминација во рекетот и постојано ја одрживаше предноста, но како што одминуваше натпреварот МЗТ Скопје ги стабилизира своето редови. Агресивната одбрана на „штковите“ го напушти темпото во нападот на кавдарчани, но тоа беше доволно само да ја намалат негативата на 25-21 по 10. минути игра. Добриот проток на топката на отварањето на втората четвртина донесе отворени обиди за домашниот тим кои избраниците на Самарџиев знаеја да ги искористат па кавадарчани стигнаа и до +11 (32-21). Смената на бековските позиции каде влегоа Магдевски и Гравет во редовите на МЗТ Скопје брзо ги консолидираше редовите на гостите, а свежината во агресивната одбрана продолжи да прави проблеми во организацијата на нападот на Еуро Никел па скопскиот тим брзо ја врати неизвеноста која траеше се до крајот на првото полувреме (48-45).
Двата тима не успеаја да го пренесат добриот напаѓачки ритам и на отварањето на второто полувреме во кое одбраната беше во преден план. Еуро Никел се осврна на играта во рекетот, додека МЗТ Скопје умешно ги користеше пропустите и грешките на домаќините, а преку шутот за три поени на истекот на третата четвртина аеродромци успеаја да направат значајна предноста (62-70) која до крајот на третата четвртина стана и двоцифрена (65-75). Одличниот моментум на скопскиот тим продолжи и во последната четвртина во која преку добриот проток на топката избраниците на Радуловиќ креираа вишок во нападот па разликата од минута во минута дополнително се зголемуваше со што „сино-белите“ ги скратија надежите за враќање на домашниот состав во дуелот.
Роберт Рикиќ ги предводеше домаќините со 18 поени и 9 скока, а него го следеше Дарко Соколов со 17 поени и 6 скока. 14 поени и 9 асистенции додаде Џексон Дубински, додека како двоцифрени со по 11, односно 10 поени натпреварот го завршија Мијатовиќ и Караколев.
Андреј Магдевски блесна од клупата за гостинскиот тим со 19 поени и 4 асистенции, Иван Карачиќ постигна 15 поени и 4 скока, додека него го следеше Хасани Гравет со 14 поени, 5 скока и 4 асистенции. Дабл-дабл учиник од 12 поени и 11 скока забележа Крстевски, 12 поени додаде и Адем Мекиќ, додека со 11 поени натпреварот го заврши Тарнер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА