МЗТ Скопје и Работнички во „клинч“ – кој ќе го „обои“ Скопје?

Прволигашката кошарка продолжува денеска со убедливо најинтересниот дуел во македонската кошарка. Вечните ривали, МЗТ Скопје и Работнички силите ќе си ги одмерат по трет пат оваа сезона, за прв пат во СЦ „Јане Сандански“ (16 часот). Досегашниот учинок помеѓу двата тима е израмнет, Работнички славеше во првиот натпревар во сезоната, додека МЗТ Скопје го доби АБА-лигашкото дерби, но од овие два меча многу работи се променети кај двата состави.

МЗТ Скопје по смена на тренерската позиција максимално ја користи ширината во својот состав, а и покрај постојаното отсуство на некој од главните играчи, „сино-белите“ запишаа шест победи и само два порази на два фронта. Избраниците на Радуловиќ на оваа средба влегуваат во серија од две победи во низа и на крилја на триумфот над лидерот на табелата, Пелистер пред само два дена.

„Атмосферата е одлична, нормално секогаш пред дерби се осеќа мала позитивна трема. Сите знаеме што значат дерби натпреварите и дека истите се гледаат под бурното око на спортстката јавност. Сигурен сум дека денеска на навивачите ќе им приредиме дерби во вистинска смисла на зборот. Работнички е квалитетна екипа со искусни играчи. Мораме да бидеме агресивни на двете страни на теренот, од старт да покажеме дека сме тука да победиме и дека нема да дозволиме никакво изненадување“, изјави за ЕКИПА, Кристијан Николов.

Работнички има сосема различен ростер од првите два натпревари, а и покрај „десеткуваниот“ состав, „црвено-белите“ се во серија од седум победи едно по друго. Главен проблем за центарци е отсуството на Балмазовиќ и Николовски, па кратката клупа „дозволи“ избраниците на Мираковски во овој дел да одиграат неколку натпревари на една топка, од кои најтрофејниот тим изгради карактер кој ветува.

Во фокусот на денешната средба ќе биде битката во рекетот каде силите ќе си ги одмерат Карачиќ и Олуџоби од едната и Младеновски и Бундовиќ од другата страна. „Вечните средби“ ретко кога разочаруваат, двата дуела кои беа одиграни оваа сезона завршија на „една топка“, а се надеваме дека така ќе биде и денеска, па нека победи подобриот.

Се вчитува...