МЗТ Скопје ја најави сезоната – Одиме на „двојна круна“ во Македонија, но во АБА2 ќе биде потешко

Кошаркарскиот шампион на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром има големи амбиции, за претстојната сезона во која планира освојување на двојната круна во Македонија и достојно презентирање на мак-баскетот во регионалната АБА2 лига. Извршниот директор, Тони Грнчаров вели дека „металците“ имаат најдобар тим во Македонија и планираат да се закитат со трофеите во првенството и националниот куп.
„Со оглед на составот сме најдобра екипа во Македонија и ќе одиме на двојна титула. Во АБА 2 ќе биде потешко, бидејќи голем е квалитетот, а само едно место води во елитата. Јас како директор ги кажувам моите желби на тренерот. Сакам да играме брза и атрактивна кошарка со многу трчање. Затоа и составивме екипа со млади кошаркари кои можат да издржат силно темпо за време на натпреварите“, изјави Грнчаров. 
„Металците“ утре против Слобода Тузла го отвораат настапот во АБА2, а тренерот Ѓорѓи Кочов вели дека е задоволен од подготовките, но победите кои ги имаа не значат ништо бидејќи сега почнува вистинското.
„Задоволен сум од подготовките. Мислам дека напредуваме како тим. Сепак победите во подготвителниот период не значат ништо. Слобода Тузла е екипа составена од млади и талентирани кошаркари. Без разлика што ривалот вели дека ние сме фаворити, тоа ќе биде тежок натпревар“, изјави Кочов. 
Мечот кој ќе биде одигран во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е закажан за утре во 19 часот.

Се вчитува...