МЗТ на мегдан со Мега лекс: Ова е меч што значи живот

МЗТ Скопје се наоѓа на дното на табелата во АБА-лигата, па јасно е дека македонскиот првак мора што поскоро да влезе во победнички ритам доколку сака да избегне испаѓање од регионалното натреварување. Екипата на Мега лекс е само бледа сенка на составот што минатата година се бореше за титулата во регионалната АБА лига. Во една таква ситуација, „металците“ ќе се обидат да ја искористат неконстантноста во  формата на клубот од Сремска Митровица, да слават во денешниот дуел во СЦ „Јане Сандански“ (17ч.) и да се израмнат со оваа екипа во битката за опстанок.

„Ова е натпревар што за нас значи живот, пред сè поради тоа што пак сме на дното на табелата и што реално кикснавме на претходниот натпревар против Карпош соколи. Поради тоа средбата ќе биде исклучително тешка за нас првенствено на психолошки план. Имаме ние свои адути, но истовремено ќе мора да ја спречиме младата екипа на Мега лекс во офанзивните скокови и не смееме да им дозволиме да го наметнат својот ритам на игра. На наша страна е искуството, имаме ширина во ростерот и убеден сум дека ќе сториме сè за да дојдеме до победата која е единственото нешто што ни одговара во моментов“ – вели Анте Назор, тренерот на „металците“.

Послушност на теренот и дисциплина во гирата ќе бидат пресудни за триумф, смета Шарлон Клоф.

„Ситуацијата е таква да немаме право на грешка. Мора да одиграме максимално и да се бориме до последниот атом енергија бидејќи само така можеме да дојдеме до посакуваната цел. Нема да биде лесно, против себе имаме полетен тим кој игра агресивно во сите 40 минути, но верувам дека ќе ги исполниме сите задачи поставени од тренерот“ – дополни холандскиот интернационалец во дресот на МЗТ Скопје.

Се вчитува...