МЗТ Скопје потпиша со крилен центар од Кенија

Нуни Омот е првиот кошаркар од Кенија кој ќе заигра во македонското првенство откако 24-годишниот крилен центар денеска потпиша договор со МЗТ Скопје. „Металците“ по поставувањето на темелите на тимот со домашни кошаркари се насочија кон ангажман на странски играчи, а прв потпис на договорот стави токму Омот.

Станува збор за квалитетен крилен центар, кој добро се снаоѓа и на позицијата „3“ . Минатото лето Омот беше дел од летната лига на НБ-лигата. Тој најпрвин настапи на пет средби во Летната лига во дресот на Голден стејт вориорс, а потоа беше дел од тренинг кампот на Бруклин нетс, екипа за која настапи и на претсезонскиот натпревар против Њујорк никс.

Тој имаше и солидна универзитетска кариера во дресот на Бејлор универзитетот, каде што пристигна кога во професионалци замина нашиот доскорешен играч, Лестер Медфорд, кој исто настапуваше за оваа екипа. Во последната сезона во НЦАА-лигата тој на 34 средби имаше просек од 9,9 поени, 3,6 скока и 1,7 асистенции.

Кениецот е осми кошаркар кој во моментов е под договор со МЗТ Скопје Аеродром, откако претходно беа потпишани договори со Кристијан Николов и Бојан Крстевски, а продолжена беше соработката со Андреј Магдевски и Андреј Маслинко. Од минатата сезона обврски кон „металците“ имаат Дамјан Стојановски, Марко Симоновски и Ранко Мамузиќ.

Се вчитува...