МЗТ Скопје против Баскет Кам денеска во одбрана на трофејот во Купот!

Кошаркарките на МЗТ Скопје денеска против Баскет Кам од 16:15 часот во СРЦ „Кале“ во Скопје во финалето на Купот „Благоја Георгиевски – Буштур“ ќе го бранат трофејот освоен минатата година во најмасовното домашно клупско натпреварување.

По вчерашната победа над Вардар, избраничките на Горан Крстевски сега против исклучително тежок противник ќе се обидат да дојдат до победата и нов трофеј во Купот на Македонија.

„Не чека фаворитот на овој турнир. Од она што го видов играат многу брза кошарка, тие шест-седум девојки кои играат повеќе години заедно и во клубовите и во репрезентацијата, многу добро се познаваат меѓу себе. Ги предводи одличен тренер, Жаклина Стојановска. Ќе се обидеме да парираме и да го одбраниме пехарот. Дојдовме до финалето, предавање нема. Ќе се обидеме да приредиме изненадување“ – вели Крстевски пред денешното финале.

Од друга страна и во таборот на Баскет Кам по убедливото издание во финалето против Крива Паланка и победата од 90-70 силно посакуваат освојување на трофејот како мотив плус и за продолжението од сезоната во шампионатот.

Се вчитува...