МЗТ Скопје се засили со бек-шутер од Бешикташ

Американскиот кошаркар Тодрик Гочер (27 год, 193 см) е најновото засилување за МЗТ Скопје Аеродром, со што „металците“ го комплетираат составот со кој ќе ја почнат новата сезона. Тренерот Ѓорѓи Кочов во ростерот ќе има седуммина македонски репрезентативци и четворица интернационалци.

Тодрик Гочер е бек-шутер, кој во „Јане Сандански“ доаѓа по сезона мината во квалитетниот турски прволигаш Бешикташ, со кој настапуваше и во престижната Лига на шампионите на ФИБА. Гочер во турското првенство настапи на 23 средби со просек од 9,4 поени, 4,7 скока и 2,3 асистенции додека во ЛШ на 16 меча просечно реализираше 10,8 поени, 3,5 скока и 1,6 асистенции.

Претходно Гочер има настапувано во два грчки тима и тоа Короивос и Ифаистос, како и за францускиот Шоле. Пред да дојде во Европа, во американската НЦАА-лига настапувал за Тексас Тек универзитет, каде што бил најдобар во тимот во последната година од студиите.

Гочер е третиот Американец на кој тренерот Ѓорѓи Кочов ќе смета во новата сезона, заедно со Феми Олуџоби и Хасани Гравет, а покрај нив во тимот ќе биде и српскиот интернационалец Андрија Бојиќ.

Капитенот Дамјан Стојановски ќе го предводи македонското репрезентативно друштво, во кое се уште и Бојан Крстевски, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко, Кристијан Николов, Адем Мекиќ и Филип Бакоч.

Се вчитува...