МЗТ Скопје со „метла“ против ТФТ до финале

МЗТ Скопје се наоѓа на три победи од одбрана на титулата во домашното првенство откако славеше и во вториот полуфинален натпревар против ТФТ со 82-92. Аеродромци одиграа уште еден комплетен натпревар во нападот и одбраната, го лимитираа противникот во неговото најдобро оружје, реализираа преку девет играчи и сосема заслужено се пласираа во десеттото последователно финале.

По изедначената игра на отварањето на натпреварот ТФТ успеа да го наметне своето темпо во нападот каде најде решение преку американските засилувања. Притоа домаќините одиграа и добро во одбраната, го приморија МЗТ Скопје да бара решение од полудистанца, а аеродромци не ги служеше најдобро реализацијата па по 10. минути игра на семафорот стоеше резултат 27-21. Добриот ритам на „црно-белите“ продолжи и во втората четвртина за двоцифрена предност (36-26), но „сино-белите“ ја зголемија агресивноста во одбраната и стигнаа до лесни поени, го приморија противникот да бара решение во рекетот и го сопреа налетот. На спортивната страна проработе и шутот па со обидите зад линијата 6,75 експресно беше анулирана негативата. Високиот ратам двата тима го задржаа и до крајот на првото полувреме, а МЗТ Скопје преку расположениот Милошевиќ стигна до предност од 47-51.

МЗТ Скопје успеа да го исконтролира отварањето на второто полувреме. Аеродромци со агресивната одбрана не дозволија лесни поени, а кошаркарите на ТФТ се мачеа од линијата за слободни фрлања. Притоа гостите лесно наоѓаа и решенија во нападот па поведоа двоцифрено, а домашниот налет преку Хортон беше запрен со кошаркари од широката клупа која внесе свежина на двата дела од теренот. МЗТ Скопје имаше предност од 62-76 на крајот на третата четвртина, но Костовски погоди со звукот на сирената за 65-76 по 30. минути игра. Моментумот на ТФТ продолжи и во одлучувачката четвртина, Ташовски и Морган погодија за три поени за 71-76, но МЗТ Скопје го имаше расположениот Ајви. Американецот одговори во нападот и одбраната па со тројка ја врати резултатската контрола за својот тим (71-81). a искусните кошаркари знаеја како да приредат мирен финиш на мечот.

Ландриус Хортон беше прво име кај ТФТ со 19 поени, а него го следеа Морган и Николов со по 17 на кои Македонецот додаде и 5 скока. Бре Ајви со 18 поени, 7 асистенции и 5 скока беше лидер на МЗТ Скопје, 17 поени и 8 скока додаде Милошевиќ, 16 реализираше Дамјан, а 14 Војдан Стојановски.

Се вчитува...