МЗТ Скопје тотален аутсајдер, „соколите“ по нова победа во Карпош

Вчерашниот пораз на Крка од Партизан значително ја олесни задачата за македонските клубови, кои сега максимално релаксирано можат да ги одиграат преостанатите два меча од АБА-лигата, свесни дека оптанокот во регионалното натпреварување им е загарантиран. И МЗТ Скопје и Карпош соколи вечерва ги играат своите натпревари од претпоследното коло, со тоа што МЗТ Скопје е тотален аутсајдер на гостувањето против Будуќност, додека „соколите“ на последниот меч во Карпош, против Задар ќе се обидат победнички да ја заокружат оваа одлична полусезона за нив.

МЗТ игра крајно променливо во последно време, а во ситуација кога Будуќност се уште се надева на третото место на табелата јасно е дека црногорскиот првак е апсолутен фаворит на денешниот дуел (18 часот).

Тимот на Будуќност сигурно е огромен фаворит пред овој меч, но ние не смееме однапред да се предадеме. Нема да биде лесно, и понатаму имаме проблеми со повредените играчи, но мораме да го дадеме максимумот и да покажеме дека знаеме да играме многу подобро од она што го покажавме на последните неколку средби. Само со верба во сопствените можности можеме да се надеваме на некакво изненадување во Црна Гора“ – изјави Шарлон Клоф.

Карпош соколи вечерва во 21 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе го пречекаат составот на Задар, во обид да се вратат на победнички патеки на домашен терен по убедливиот пораз од Црвена звезда.

Екипата на Задар сезонава ја предводеа тројца тренери, кои секој на свој начин оставија свој печат во играта. Ова дефинитивно се однесува и на актуелниот предводник Арамис Наглиќ, кој донесе поинаков систем во одбраната. Играта „два на два“ во нападот им е заштитен знак, каде максимално се користи квалитетот на високиот Маринковиќ. Тука се и уште неколку одлични играчи, пред се мислам на Барач и на Рамљак, а противникот има и проширен ростер во вториот дел од сезоната, што дефинитивно го прави тим кој никако не смее да се потцени. Очекувам добар натпревар, а за нас мотив повеќе е фактот што Задар е еден од нашите должници од првиот дел на сезоната. Тоа ни носи обврска да одиграме добро и да го поправиме впечатокот од мечот одигран во Задар“ – истакна тренерот на Карпош соколи, Драган Николиќ.

Се вчитува...