МЗТ Скопје во битка на „непобедливите“

МЗТ Скопје и Борац Чачак ќе излезат денеска на мегдан во СЦ „Јане Сандански“ (18 часот) во пресметка на единствените два тима со перфектни 3-0 по првите три кола од новата сезона во АБА2 лигата. Борац има нешто подобар кош-количник (+65 наспроти +54 на МЗТ), но јасно е дека домашниот терен го прави МЗТ фаворит на денешниот натпревар.

„Според мене, екипата на Борац Чачак е еден од најголемите фаворити во АБА2. Тие го задржаа костурот од ланската сезона, донесоа неколку квалитетни засилувања, а кошаркарите за тренер имаат доскорешен соиграч. Според мене, гостит во мечот влегуваат како фаворити, но во секој случај очекувам тврд меч во кој моите кошаркари ќе треба да го дадат максимимот. Само тоа е начинот да се стигне до евентуална победа. Се надевам дека на овој дерби-дуел ќе ја имаме и поддршката на нашите симпатизери, кои во далеку поголем број од досега ќе дојдат да ни помогнат во овој исклучително тежок натпревар“ – изјави тренерот Кочов во пресрет на оваа средба.

По овој меч, МЗТ во следното коло од АБА2 го очекува незгодно гостување во Црна Гора против екипата на Сутјеска. Претходно, „металците“ викендов ќе играат и дерби-дуел во македонскиот шампионат, на гостински терен против Гостивар.

Се вчитува...