МЗТ со добар распоред во АБА: Прво Партизан, па ФМП, Задар…

Тренерот на МЗТ Скопје, Александар Тодоров, може да биде задоволен од распоредот на натпревари за новата сезона од АБА-лигата, што беше утврден денеска во Загреб.

За разлика од ланската сезона кога „металците“ имаа пеколно тежок распоред, овојпат МЗТ ќе има нешто полесна задача во првите неколку кола. На стартот од сезоната, закажан за 29 септември до 2 октомври (точниот датум ќе биде дополнително утврде), македонскиот шампион ќе го пречека Партизан, тим со огромно реноме, но и со коренити промени летово по заминувањето на тренерот Џикиќ и уште неколку клучни играчи од ланската сезона.

Во рамките од второто коло МЗТ Скопје ќе гостува во Србија на тимот на ФМП, по што ќе следи домашен натпревар против Задар. Во четвртата рунда од новата сезона „сино-белите“ ќе гостуваат на Игокеа, а во петтото коло, закажано за 20 октомври ќе ја пречекаат Цибона.

Првиот дуел со шампионот Црвена звезда ќе се игра во Белград во рамките од шестото коло во периодот од 27 до 30 октомври, додека ждребот сакаше МЗТ во последното коло, закажано за 9 до 12 март, да му гостува на црногорскиот вицепрвак Морнар.

Се вчитува...