МЗТ триумфираше на првиот тест со романска Крајова

Кошаркарите на МЗТ Скопје славеа со 82-72 во првиот од двата закажани пријателски натпревари против романската Крајова.

Откако претходно славеа и против Гостивар, Вардар, Сигал Приштина и унгарски Шолнок а загубија од романска Орадеа, сега триумф против Крајова, тимот кој е предводен од поранешниот стратег на „металците“,  Александар Тодоров.

Најефикасни во составот на МЗТ Скопје беа Американците Нуни Омот со 19 и Џабари Хиндс со 12 поени, додека Андреј Маслинко постигна 11 поени со осум скока, а Бојан Крстевски дополни со 10 поени. Андреј Магдевски и Србинот Никола Шчекиќ, кој деновиве тренира со нашиот тим, застанаа на осум, додека Марко Симоновски постигна шест, а Дамјан Стојановски пет поени за релативно лимитирана минутажа.

Вториот натпревар, кој ќе биде од затворен тип, меѓу МЗТ Скопје и Крајова ќе се одигра утре во малата сала во спортскиот центар „Јане Сандански“.

Се вчитува...