МЗТ Скопје фантастично ја стартуваше новата сезона во АБА-лигата, триумфирајќи на дуелот против Партизан со резултат 92-89. „Металците“ покажаа квалитет, но и неверојатен карактер, враќајќи се во мечот во кој и во втората и во третата четвртина имаа негатива од по 10 поени, за на крајот во драматичен финиш заслужено да се радуваат на победата. Како што најави тренерот Тодоров, главниот збор во редовите на македонскиот првак конечно го имаат Македонците, па така најзаслужни за оваа победа се Дамјан Стојановски и Бојан Трајковски, надополнети со плејмејкерот Гарсија кој имаше одлично деби во сениорска кошарка по настапите во НЦАА-лигата.
„Металците“ го стартуваа натпреварот со одлична игра во нападот, при првата акција атрактивно заби Лалиќ, кој неколку минути со нова атракција ги крена на нозе домашните фанови во салата. Одличен беше и плејмејкерот Гарија, кој во првите седум минути постигна седум поени, носејќи предност од 21-14. Сепак, следеше серија на гостите кои набрзина поведоа со 23-24 по неколкуте грешки на Бојан Трајковски, за истиот кошаркар да погоди тројка пред крајот на четвртината и стартниот период да заврши со предност на македонскиот првак од минимални 26-25.
„Сино-белите“ ја почнаа втората четвртина со четири поени во серија, но потоа следеше голема криза во играта во напад на МЗТ. Партизан го искористи тоа и го сврте резултатот во своја полза, поведувајќи со 31-32. При овој резултат беше судена неспортска лична грешка на Величковиќ, но МЗТ Скопје промаши три слободни фрлања (две Трајковски и едно Џенсен). Партизан веќе влезе во ритам, па со нова серија „црно-белите“ дојдоа и до најубедливи десет поени предност (34-44). Во клучен момент во ритам влезе Дамјан Стојановски, кој за неполна минута постигна шест поени и ја врати неизвесноста. Избраниците на Тодоров имаат напад за уште повеќе да ја намалат негативата од 42-46, но Џенсен згреши почетнички, по што Вилијамс Гос ги постави конечните 42-48 по 20 минути игра.
Мекиќ почна како стартер во второто полувреме и внесе енергија во одбраната, па „металците“ повторно се приближија, промашувајќи неколку напади при „минус три“. Казната стигна за само неколку минути, па Партизан со мини-серија дојде до предност од 49-57. Немоќта во нападот повторно беше се поприсутна во редовите на македонскиот првак, па Партизан пак се врати на „плус десет“ (51-61) со атрактивното забивање на Шалиќ.
По тајмаутот „металците“ повторно се разбудија, па со тројката на Бојан Трајковски намалија на 59-63. И повторно МЗТ имаше шанса за целосено да се приближи, но во последната минута од четвртината следеше уште една загубена топка на Џансен, но Американецот се извади пред самиот крај на овој период, погодувајќи за 63-67. Токму Џасен со тројка ја стартуваше и последната четвртина, намалувајќи на 66-67, пред Гарсија да положи за ново водство на „металците“ по долга пауза (68-67), и да го принуди Николиќ да го врати на теренот стартниот плејмејкер Вилијамс Гос.
Бојан Трајковски блесна кога беше најважно, најпрвин блокирајќи го Величковиќ, а потоа на спротивната страна погодувајќи тројка за водство од 73-70. Во следниот напад следеше офанзивен скок на Трајковски и нови два поени од линијата за слободни фрлања. Тодоров го повлече накратко Гарсија поради четири лични грешки, а Партизан го искористи тоа и за помалку од минута намали на 75-74. Дамјан Стојановски постигна тројка од девет метри, па Гарсија се врати на нешто повеќе од четири минути до крајот, но Американецот кој дотогаш играше без грешка за помалку од минута имаше две загубени топки, овозможувајќи „црно-белите“ да се вратат од 81-76 на 81-80 на две минути до крајот.
„Металците“ одговорија на предизвикот кога беше најважно, Трајковски дојде до офанзивен скок, па Дамјан Стојановски положи, за Бејли со забивање да зголеми на 85-80 и да го принуди Николиќ на тајмаут на помалку од 90 секунди до крајот. И откако Партизан промаши обид за тројка Гарсија направи почетничка грешка, не пренесувајќи ја топката преку центар во предвидените осум секунди. И пак кога беше најзначајно, Трајковски ја презеде одговорноста, влезе во рекетот и погоди за 87-82. Македонскиот кошаркар го промаши дополнителното слободно фрлање, но затоа на спротивната страна Миле реализираше „два плус еден“, за 87-85 на 25 секунди до крајот.
Партизан направи лична грешка врз Стојановски, а капитенот на МЗТ беше само еднаш прецизен. За среќа, гостите промашија уште една тројка, па следеше нов фаул врз Дамјан, кој овојпат два пати беше прецизен и ги разреши сите дилеми околу победникот на овој трилер меч, што македонскиот првак го доби со конечни 92-89.
Дамјан Стојановски со 25 поени беше најефикасен кај „металците“, Бојан Трајковски оствари дабл-дабл од 20 поени и 13 скокови, додека Гарсија исто така беше одличен со 17 поени и девет асистенции.
МЗТ Скопје во рамките од второто коло од АБА-лигата во вторник ќе му гостуваат на тимот на ФМП, а следниот домашен натпревар ќе се игра наредниот понеделник, против екипата на Задар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА