На Барса не и треба Вајналдум, јасна е и иднината на Куман

Разочарувачкиот финиш на сезоната на Барселона ги промени и плановите на каталонскиот гигант за претстојниот трансфер-период. Приоритет на Лапорта се напаѓачите, се преговара со Агуеро и со Депај, а веќе станува јасно дека каталонскиот гигант нема да го комплетира најавениот трансфер на Џини Вајналдум од Ливерпул.

Холандскиот репрезентативец беше желба на тренерот Куман и минатото лето, тогаш трансферот не се комплетираше поради финансиските проблеми на Барса. Се чинеше дека за летово нема да има проблем бидејќи Вајналдум е слободен играч по истекот на договорот со Ливерпул, но управата на каталонците очигледно има поинакви планови. Целта ќе биде шанса да им се даде на неколку млади играчи, Пјаниќ ќе биде продаден, а Барса не планира инвестиција во средниот ред, јасен знак дека се откажува начелниот договор за пристигнувањето на Вајналдум.

Ваквиот потег е и јасна порака до Куман, дека нема да се смета ниту на холандскиот стратег за наредната сезона. Тој ќе го води тимот на последниот дуел со Еибар, но се очекува во текот на следната седмица да добие отказ. Фаворит за нов тренер на Барселона е поранешниот капитен на овој тим, Чави.

Се вчитува...