Откако беше опериран на крајот на јули, и веќе е во четвртиот месец од закрепнувањето, Марк-Андре тер Штеген го истражува пазарот во потрага по решенија, пишува „ АС “. Потребен му е тим што ќе му овозможи редовно да игра, како што побара селекторот на Германија , Јулијан Нагелсман, за да може да смета на него како стартер голман на Светското првенство во Северна Америка во летото 2026 година.
Во Барса, Тер Штеген е во ќорсокак. Освен ако еден од двајцата голмани не претрпи непосакувана повреда, изборите на Ханси Флик се Жоан Гарсија и Војчех Шчесни, а Германецот нема шанси да биде меѓу диреците.
Со договор до 2028 година, екстремно високата плата на Тер Штеген е исто така товар за тимот, кој повторно имаше сериозни проблеми со регистрацијата на играчите минатото лето. Барса би го олеснила трансферот на Германецот, со кого тензиите беа смирени по еден момент на криза, кога дури му беше одземена и капитенската лента.
Причината беше што тој дејствуваше сам во летото, правејќи операција без претходно известување до клубот и првично одбивајќи да го потпише овластувањето за да се смета за долгорочен повреден.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

