На Хамбарџумјан не му требаше долго за инцидент: Физички нападна фудбалер на Победа, па веднаш исклучен! (ФОТОГАЛЕРИЈА)

На вардаровиот Ерменец, Хофханес Хамбарџумјан не му требаше долго уште еднаш да го покаже својот карактер, па откако новиот тренер Бобан Бабунски го врати во првиот тим (откако Чеде Јаневски претходно поради недисциплина го отстрани) веќе на вториот натпревар предизвика инцидент и доби директен црвен картон!

Хамбарџумјан на дуелот против Победа кој Вардар го загуби со 2-0 во Струмица, во игра влезе во 46. минута на местото на Тошевски. И во 94. минута удри противнички фудбалер во моменти на прекин на игра без топка, по што настана мешаница меѓу фудбалерите на двата тим. Па, откако ситуацијата се смири главниот судија Марјан Маркоски му додели директен црвен картон!

„Хамбарџумјан Ховханес (119998) во 90.+4. минута од натпреварот против Победа е исклучен поради насилничко однесување, удирање противнички фудбалер во прекин на игра“ – се вели во официјалниот записник од натпреварот.

По ова сосема јасно, покрај неизбежните два натпревари пауза, Хамбарџумјан го очекува и дополнителна казна од Дисциплинската комисија на ФФМ. Па, за него можеби сезоната заврши, а и настапите во дресот на Вардар со оглед на фактот дека од јуни заминува од клубот!

 

Се вчитува...