На Кинезите им пука филмот – Конте е пред отказ

Антонио Конте се соочува со сериозна опасност да биде отпуштен до крајот на месец ноември откако кинеските газди ја загубија довербата во овој стратег. Причината е јасна – слабите игри и резултати на „нероаѕурите“ од стартот на сезонава, тимот освои само два бода во првите три кола од Лигата на Шампионите, додека во домашното првенство се наоѓа на седмата позиција, со пет бода заостанување зад лидерот Милан.

Интер имаше бурно лето поради конфликтот на Конте со клупските директори, газдите тогаш застанаа на страната на тренерот, но сега се повеќе се сомневаат во исправноста на својата одлука. Интер има само една победа во последните осум средби во сите натпреварувања, најслаба серија на „нероаѕурите“ во последните 50 години од клупската историја. На Конте му беа доведени засилувањата што ги побара, но игрите се далеку под посакуваното ниво. Конте инсистирал на откуп на Алексис Санчез, на Чилеанецот му беше дадена плата од седум милиони евра, но се покажа како големо промашување.

Пресудни ќе бидат следните четири средби, против Реал и Борусија Менхенгладбах во ЛШ и против Торино (дома) и Сасуоло (на гости). Доколку не биде совладан Реал тоа ќе значи речиси сигурна елиминација од Лигата на Шампионите, додека на домашната сцена неопходни се шест бода на двата меча, во спротивно на Конте ќе му биде покажана излезната врата.

Џузепе Марота, кој летово ја загуби битката со тренерот, веќе лобира кај кинеските газди за нов тренер. Името е добро познато, Масимилијано Алегри, кој трпеливо чека да се испразни место во врвен клуб за да се врати на тренерскиот занает.

Се вчитува...